КОЈ Е УСТАШ, КОЈ Е ПРЕДАВНИК, А КОЈ „СРПСКИ СВЕТ“ – И ЗОШТО СИТЕ СЕ СИГУРНИ ДЕКА СЕ ВО ПРАВО

СДСМ и Саша Богдановиќ во жестока расправија: усташи, српски свет и предавство за пари

Македонската политичка сцена повторно покажа дека секогаш има простор за нови етикети, стари идеологии и меѓусебни обвинувања што патуваат од Втората светска војна, преку Третиот рајх, па сè до денешните прес-конференции.

Во последната вербална ескалација меѓу СДСМ и нивниот поранешен член и ексградоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ, јавноста беше почестена со комплетен политичко-историски пакет: усташтво, србофобија, „српски свет“, Вучиќ, СНС, НДХ, балисти, врховисти и – секако – предавство за пари.

Откако СДСМ во неколку наврати предупреди на, како што велат, влијанието на српскиот политички врв и концептот „српски свет“ во Македонија, Богдановиќ реши да одговори – не како поранешен функционер на СДСМ, туку како, како што самиот се претстави, припадник и претставник на српската заедница.

Според него, реториката на СДСМ наликувала на текстови „пишувани од задоеници со усташка НДХ идеологија“, а честото спомнување на Србија, Србите и српските компании го оцени како организирана србофобија, против која, како што најави, можеби ќе се бара и правна заштита.

Од другата страна, СДСМ не остана должна. Напротив. Во нивната реакција Богдановиќ не е само поранешен член, туку човек кој „ја предал партијата за пари, а потоа и државата за пари“, дел од, како што ја нарекуваат, коалицијата „ВМРО Ванчовистичка – ЗНАМ“ и, воедно, сателит на Српската напредна странка и Александар Вучиќ.

Во објаснувањето, СДСМ инсистира дека терминот „српски свет“ не се однесува на Србите како народ, туку на политичкото влијание на Вучиќ преку регионални сојузници, при што Богдановиќ, според нив, само ја пренесува веќе видената „copy-paste“ кампања од Србија.

Така, во оваа политичка математика, едните тврдат дека бранат народ од дискриминација, другите дека бранат држава од туѓо влијание, а сите заедно успешно докажуваат дека во македонската политика историјата никогаш не е минато – туку секогаш е при рака, особено кога недостигаат аргументи од сегашноста.

Loading