Долгогодишниот функционер на СДСМ, Јован Деспотовски, ја изнесе својата јавна критика кон актуелното раководство на партијата, поради одлуки кои, според него, го оставиле „целосно без зборови и коментар“.
Во отворената порака, Деспотовски нагласува дека по три децении политички ангажман најмалку очекувал ваков однос од својата матична партија. Тој истакнува дека секогаш бил умерен и воздржан во јавните настапи, дури и кога имало основ за остар став, и додава дека оваа умереност сега станува „закана за актуелниот партиски врв“.
„СДСМ имала и ќе има многу поголеми личности од актуелниот претседател. Никој од нив никогаш не се ставил над партијата, над нашето семејство. Тоа не е СДСМ, ниту некогаш ќе биде“, порача Деспотовски, повикувајќи на зачувување на вредностите на партијата.
Во својата завршна порака, тој директно му се обраќа на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, со јасна порака дека 30 години работа, љубов и жртва не можат да бидат избришани со една политичка одлука.
Овој јавен настап е уште еден индикатор за внатрепартиските тензии во СДСМ, во период на сериозни предизвици, внатрешни преиспитувања и пад на довербата кај дел од членството и јавноста.
![]()

