Обезбедувањето Бадентерово мнозинство повторно се наметнува како клучен политички предизвик за Владата, откако институцијата Народен правобранител влезе во целосна блокада. Без избран прв човек, од 1 јануари нема кој да ги потпишува ниту платите за вработените, што ја прави ситуацијата алармантна и за домашната јавност и за меѓународните партнери.
Според владини извори, во јануари ќе следи сериозен ангажман за обезбедување поддршка од пратениците од немнозинските заедници, со цел да се изгласа нов Народен правобранител, но и да се усвојат закони од реформската агенда – Законот за јавна администрација и измените на Изборниот законик. Во спротивно, Македонија ризикува нови критики од Европската Унија за политичко блокирање на независните институции.
Како можна опција се споменува и директна лидерска средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Иако засега нема официјална потврда, ваквите разговори не се исклучуваат, а стратегијата – дали преку лидерски договор или индивидуални преговори со пратеници – допрва ќе се дефинира.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, веќе апелираше за политичка волја и најави личен ангажман за изнаоѓање решение, потенцирајќи дека е недозволиво толку важна институција да остане без раководство. Сепак, клучниот проблем останува – власта нема Бадентерово мнозинство, а без поддршка од ДУИ или дел од нивните пратеници, изборот е невозможен.
Додека траат политичките калкулации, институционалната криза се продлабочува, а прашањето што сè погласно се поставува е: дали решението ќе дојде преку тивка парламентарна математика или преку отворен политички договор на највисоко ниво?
![]()

