По три децении лојалност, работа и партиски стаж, Јован Деспотовски дозна дека најголемата опасност за СДСМ не доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ, ниту од надворешни фактори, туку од – самиот себе.
Со одлука на актуелното раководство, предводено од Венко Филипче, Деспотовски беше исклучен од партијата, откако претходно доставил барање до партиските органи. Потег кој во СДСМ се објаснува како „заштита од дестабилизација“, а надвор од Бихаќка се чита како класично расчистување со внатрепартиска конкуренција.
Од партијата денови наназад алармираат за „сценарија“, „заговори“ и „координирани напади“, зад кои, според нив, стоеле поранешни сопартијци во соработка со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Докази – засега нема, но заканата, очигледно, е сериозна кога доаѓа од човек кој бил противкандидат на Филипче.
Деспотовски, пак, со ретка доза на политичка умереност (која очигледно денес се смета за опасна), реагираше дека по 30 години политички стаж не очекувал токму СДСМ да го остави „без зборови и коментар“. Во пораката јасно порачува дека ниту еден претседател не е, ниту смее да биде, над партијата.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата за каков било координиран напад и ја пренасочи дебатата кон бизнис-зделките на Зоран Заев во Дубаи, во кои, според нив, користи црпел и актуелниот лидер на СДСМ.
Целата ситуација доаѓа во момент на внатрепартиски преструктуирања, избор на нови функционери и сè почести предупредувања за „српско сценарио“ – термин кој, очигледно, сè почесто се користи кога аргументите се во дефицит.
Ако ништо друго, СДСМ испраќа јасна порака: во партијата има место за сите – сè додека не размислуваат поинаку.
![]()

