СДСМ: Објавата на фотографијата претставува притисок врз опозицијата
Опозициската СДСМ со жестока реакција по фотографијата што се појави на социјалните мрежи, на која партискиот лидер Венко Филипче е забележан на аеродром со куфер. Од партијата тврдат дека станува збор за организиран обид за јавен линч, следење и политички притисок врз опозицијата.
Во официјалното соопштение, СДСМ оценува дека со самото објавување на фотографијата јавно се признава следење на лидерот на опозицијата, практика која, според нив, потсетува на периодот пред 2016 година, кога безбедносните служби биле злоупотребувани за притисок и контрола врз политичките неистомисленици.
Партијата тврди дека неодамна алармирала и за прислушување на телефонски комуникации, предупредувајќи дека државата повторно се движи кон опасен модел на следење, фабрикување афери и сензационализам, со цел дефокус од вистинските проблеми – криминалот, корупцијата и наводниот договор „мигранти за пари“.
Од СДСМ потенцираат дека Венко Филипче патува со редовна комерцијална авиолинија и дека не заминува за Дубаи, како што се шпекулира на социјалните мрежи. Нагласуваат дека тој не користи владин авион, ниту приватни летала, за разлика од премиерот Христијан Мицкоски и луѓето околу него.
Во соопштението, опозицијата го обвинува премиерот за луксузирање и користење државни ресурси за приватни патувања, посочувајќи на изнајмување приватен авион на релација Истанбул–Будимпешта, што, според нив, ги чинело граѓаните 2,6 милиони денари, како и превезување на сомнителни бизнисмени со владини летала.
СДСМ дополнително тврди дека јавноста нема одговор дали се подготвува набавка на нов владин авион за лични потреби на премиерот. Партијата оценува дека објавите на ВМРО-ДПМНЕ повеќе личат на реклами на туристичка агенција отколку на сериозни политички реакции.
Во завршницата, СДСМ порачува дека станува збор за обид за дефокус по неуспешните напади врз партијата и отсуството на одговори за криминал, корупција, ограничување на слободата на говор и милионски тендери. Тие нагласуваат дека ќе продолжат да ја информираат јавноста и дека одговорност ќе се бара и пред надлежните институции.
![]()

