КОИ СЕ РЕФОРМАТОРКИТЕ ШТО СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ЌЕ ГИ ПРЕДЛОЖИ ЗА СУДСКИОТ СОВЕТ?

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, најави дека ќе предложи две жени реформаторки за нови членови на Судскиот совет, откако стапи на сила новиот Закон за Судски совет. Станува збор за универзитетска професорка и адвокатка, за кои, како што истакна, уживаат висок углед и кредибилитет во општеството.

Најавата беше дадена во новогодишно интервју за Македонската телевизија, еден ден по донесувањето на законот во Собранието, со 73 гласа „за“ и еден „воздржан“. Сиљановска-Давкова објасни дека намерно чекала да биде усвоена новата законска рамка, бидејќи таа предвидува построги и појасни критериуми за избор на членовите на Судскиот совет.

Според неа, досегашната формулација „истакнат правник“ била нејасна и изгубила суштинско значење, што отворало простор за несоодветни кадровски решенија. Новиот закон, пак, има за цел да создаде професионален, независен и транспарентен Судски совет, кој ќе може ефикасно да ги избира, оценува и дисциплинира судиите.

„Потребни ни се луѓе што се доближиле до врвот на правната професија и се легитимни да ги оценуваат другите. Тоа бара строги критериуми“, истакна претседателката, додавајќи дека реформите не зависат од поединци, но дека умни, образовани и критички настроени жени можат да бидат силен реформски двигател.

Законот предвидува и департизација, деполитизација, поголема јавност и транспарентност, како и јавна расправа при изборот на несудските членови на Советот. Имињата на кандидатките, како што најави Сиљановска-Давкова, ќе бидат соопштени веднаш по истекот на „вакaцио легис“ од седум дена, пред предлогот да влезе во собраниска процедура.

Судскиот совет е клучно тело во судскиот систем на државата и брои 15 члена, задолжени за избор, разрешување и оценување на судиите и претседателите на судовите.

Loading