Министерството за правда во петок ќе го стави на јавен увид новиот Закон за помилување, кој носи суштински промени во начинот на одлучување за намалување на казните на осудениците. Најзначајната новина е што Комисијата за помилувања при Кабинетот на претседателот на државата ќе стане единствениот и главен филтер за сите молби, додека конечната одлука ќе ја носи претседателот.
Со новото законско решение, се укинува можноста за аболиција, односно претседателот повеќе нема да може да помилува лица без правосилна судска пресуда. Помилување ќе може да се даде исклучиво врз основа на конечна осудителна пресуда, што според Министерството за правда е чекор кон поголема правна сигурност и транспарентност.
Комисијата кај претседателот – единствен филтер
Министерот за правда Игор Филков објасни дека со новиот концепт се укинува досегашното двојно одлучување, каде и Министерството и Комисијата даваа мислење по ист предмет.
„Сега Комисијата кај шефот на државата ќе биде надлежна за оценување дали некој заслужува намалување на казната, а ние како институции ќе ѝ помагаме со потребните проверки“, изјави Филков.
Комисијата за помилувања, која е формирана кон крајот на минатата година, е предводена од Милка Ристова, поранешен врховен судија, а нејзината улога значително се зајакнува со новиот закон.
Широк пакет правосудни реформи
Покрај Законот за помилување, Министерството за правда најави дека новиот Кривичен законик е веќе подготвен и се очекува да влезе во собраниска процедура во периодот јануари – февруари.
Владата веќе го усвои и Законот за Јавно обвинителство, кој доби позитивно мислење од Венецијанската комисија. Со него се воведуваат:
-
транспарентна постапка за избор на јавен обвинител,
-
јавно објавување на биографии и програми,
-
редовно оценување на обвинителите на секои три години,
-
можност за разрешување по две последователни негативни оценки.
Во наредниот период се очекува и разгледување на Законот за Совет на јавните обвинители, како и закони за пробација, извршување санкции и здруженија.
Изборниот законик без една изборна единица
Министерството за правда започна и процес за изработка на нов Изборен законик, во кој се вградени препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Сепак, во оваа фаза не се предлага промена на изборниот модел со една изборна единица – тоа прашање се остава на политички договор меѓу партиите.
![]()

