Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, и премиерот Христијан Мицкоски во своите новогодишни пораки упатија силни пораки за надеж, мир, правда и длабоки општествени промени, осврнувајќи се на предизвиците од изминатата година и очекувањата за периодот што следи.
Сиљановска-Давкова оцени дека 2025 година ќе остане запаметена по драматичните промени во меѓународниот поредок, војните со големи човечки жртви, како и продлабочените климатски, енергетски и еколошки кризи. Таа истакна дека на домашен план биле започнати важни реформски процеси во правосудството, борбата против корупцијата и криминалот, како и креирањето национална развојна стратегија.
Како најтежок момент во изминатата година, претседателката ја посочи трагедијата во Кочани, нагласувајќи дека таа ќе остане трајна болка за целото општество. Според неа, правдата за жртвите и нивните семејства е морална и институционална обврска, а нивната жртва мора да придонесе кон подобар и поправеден систем.
Во пораката за Новата година, Сиљановска-Давкова изрази надеж за траен светски мир заснован на меѓународното право и порача дека Македонија треба конечно да се „вдоми“ во Европската Унија, живеејќи во услови на владеење на правото, демократија и одржлив развој.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, истакна дека 2025 година била период на сериозни предизвици и поставување темели, додека 2026 ја најави како година на видлива реализација и „вкупна преобразба“ на Македонија. Тој нагласи дека Владата работела системски и одговорно, со фокус на зајакнување на институциите и воспоставување еднаквост пред законот.
Мицкоски порача дека реформите што се спроведуваат не се козметички, туку длабински и суштински, и дека нивниот ефект треба да се почувствува во секојдневниот живот на граѓаните. Според него, 2026 година ќе биде година на раздвижување, напредок и конкретни резултати за државата.
![]()

