ПОДАРОК НА ЗНАЕЊЕ: 100 КНИГИ ЗА АРМ

Претседателката Сиљановска-Давкова ја посети велешката касарна: Подари 100 книги белетристика на АРМ

Наместо традиционалната донација на техника и телевизори, претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на врховен командант на Армијата на Република Македонија (АРМ), при посетата на велешката касарна „Алексо Демниевски-Бауман“, им подари стотина книги белетристика на припадниците на АРМ и на Командата за обука и доктрина.

„Книгите се мојот живот, нема поголем пријател од книгата. Учените луѓе и оние кои читаат се толерантни. Затоа сметам дека ова е најкорисно во нивниот живот“, изјави Сиљановска-Давкова, истакнувајќи дека и на свадби подарува книги, што ја одразува нејзината лична филозофија.

Претседателката најави и реконструкција на Домот на АРМ во Скопје, каде се наоѓа воената библиотека, која нуди широк спектар на стручна литература и белетристика за припадниците на армијата и нивните семејства.

Началникот на Централната воена библиотека во Скопје, Каролина Петреска, истакна дека донацијата е добредојдена и дека ќе ја збогати понудата за читање за војниците и за нивните најблиски.

Во обраќањето, претседателката потенцираше дека армијата ужива висок углед кај граѓаните поради редот, поредокот и хиерархијата кои владеат во неа, нагласувајќи ја успешноста на институцијата како пример за другите области на општеството.

Дополнително, таа имаше обраќање и пред новите 300 професионални војници на АРМ, кои кон средината на јануари ќе дадат свечена заклетва, со порака за почитување на законите, дисциплината и образованието во армијата.

Loading