Соединетите Американски Држави официјално започнаа процес на повлекување од вкупно 66 меѓународни организации, конвенции и договори, откако американскиот претседател Доналд Трамп потпиша претседателски меморандум на 7 јануари. Според документот, овие тела се оценети како спротивни на националните интереси на САД.
На списокот на организации од кои САД се повлекуваат се наоѓаат Венецијанската комисија на Советот на Европа, Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали во Хаг (наследник на Хашкиот трибунал), како и Советот за регионална соработка (RCC), заедно со уште 63 други меѓународни структури.
Повлекувањето е резултат на Извршната наредба 14199, издадена на 4 февруари 2025 година, со која беше наложена целосна ревизија на членството и финансирањето на САД во меѓународни меѓувладини организации. Во рамки на таа ревизија, државниот секретар, во координација со постојаниот претставник на САД во Обединетите нации, изготвил извештај врз основа на кој било утврдено дека членството во овие организации не е во согласност со американските интереси.
Според меморандумот, 31 од организациите се тела и агенции поврзани со ОН, а повлекувањето подразбира прекин на учеството или финансирањето „во обем дозволен со закон“.
Од Белата куќа наведуваат дека одлуката е дел од поширока стратегија за редефинирање на улогата на САД во меѓународните институции и насочување на ресурсите кон приоритети што администрацијата ги смета за клучни за националната безбедност и економските интереси на земјата.
![]()

