Патниците кои денеска патуваат кон Бугарија преку граничниот премин Делчево – Станке Лисичково се соочуваат со сериозни застои и долги колони. Според информации од терен, колоната возила достигнува околу еден километар, а задржувањето по возило изнесува од 10 до 15 минути.
Причина за гужвата е новата процедура воведена од бугарските гранични служби, која се однесува на патници што не поседуваат пасош од Европската Унија. За нив се спроведува детална контрола која вклучува електронско внесување податоци, фотографирање и земање отпечатоци од прсти.
„Една кола ја задржуваат и до 15 минути“, изјави револтиран граѓанин од Делчево кој се упатил на годишен одмор.
Од македонска страна, граничната контрола се одвива редовно и без застои, што укажува дека проблемот се јавува исклучиво на влезот во Бугарија поради забавените административни процедури.
Се препорачува патниците да планираат дополнително време за премин на границата или, доколку имаат можност, да патуваат во периоди со помал сообраќаен интензитет.
![]()

