ЗНАМ со жесток напад кон Венко Филипче: „Мафијашки филм наместо државничка политика“
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија упати остра и директна реакција кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го за блокирање на реформите, партиска корупција и одбивање на дијалог за клучните државни интереси.
Од ЗНАМ истакнуваат дека Филипче никогаш не покажал капацитет за вистински дијалог кога станува збор за државните прашања, наведувајќи дека одлуки како Преспанскиот договор и францускиот предлог биле донесени зад затворени врати, без транспарентност и без вклучување на јавноста.

„Политиката на Венко Филипче е водена исклучиво од лични и партиски интереси, а не од државничка визија“, порачуваат од движењето.
ЗНАМ наведува дека Филипче бил заштитуван од систем кој со години го ослободувал од одговорност, посочувајќи низа афери и трагични случаи поврзани со периодот на неговото владеење. Меѓу нив се споменуваат провизии од модуларните болници, тендерите за јаглен за ЕСМ, набавките на вакцини по значително повисоки цени, како и трагедијата во Тетово, во која животот го загубија 14 лица.
Според движењето, овие случаи претставуваат мрежа на системска и партиска корупција која, како што велат, ја нарушила довербата на граѓаните во институциите.
За разлика од поранешната власт, од ЗНАМ тврдат дека актуелната Влада ја води државата кон стабилност, реформи и европска интеграција, без корупциски скандали кои би ја разнишале довербата на јавноста.

Воедно, од движењето изразуваат загриженост поради реториката на Филипче, оценувајќи дека и покрај декларативната поддршка за ЕУ, неговите политички потези покажуваат спротивно. Тие нагласуваат дека реформите во правосудството, јавното обвинителство, безбедноста и слободата на изразување се клучни теми за европската иднина на Македонија.
ЗНАМ тврди дека ваквиот настап на СДСМ предизвикал масовно разочарување кај нивното членство и, како што велат, „историски трансфер“ на членови кон нивното движење – луѓе кои бараат конструктивен, реформски и државнички пристап.
„Филипче мора да излезе од мафијашкиот филм и да престане да ги блокира реформите. Македонија заслужува лидери кои гледаат напред и градат консензус за европската иднина“, порачуваат од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија.
![]()

