ПАНИКА ВО СДСМ: ЗОШТО СЕ ДРЖАТ ЗА ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА?

СДСМ остро реагира на најавите за укинување на техничката влада, оценувајќи дека станува збор за опасен обид за елиминирање на контролниот механизам кој обезбедува фер и демократски избори. Од партијата предупредуваат дека ваквиот потег има за цел да спречи влез на опозициски министри и да го сокрие, како што наведуваат, системскиот криминал и корупција.

Во партиското соопштение се наведува дека планот на премиерот Христијан Мицкоски не претставува вистински дијалог за реформи, туку однапред осмислено сценарио за распишување договорени предвремени избори. Според СДСМ, во тоа сценарио институциите се целосно заробени, државата намерно се држи во изолација, а криминалните тендери непречено течат.

Од опозицијата обвинуваат дека владејачката коалиција, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, врши системски притисок врз правосудството, обвинителството и Судскиот совет, додека со законски измени се создава штит за функционерите на власт. Како дополнителен проблем се посочува удирањето врз слободата на говорот и создавањето атмосфера на страв.

СДСМ смета дека вистинската причина зошто власта сака да ја укине техничката влада е стравот од увид во злоупотребите. Влезот на министри од опозицијата, според нив, значи отворање на институциите и разоткривање на коруптивниот систем.

„Техничката влада мора да остане затоа што таа е последната институционална брана против злоупотреба на изборниот процес и единствената реална можност за чесни и фер избори“, порачуваат од СДСМ, најавувајќи дека Антикорупцискиот тим ќе продолжи со објавување на нови афери.

Loading