Обилните врнежи од дожд и снег предизвикаа сериозни проблеми низ целата држава. На патниот правец Тетово – Бањиче, пред ресторанот „Лумаре“, падна голема карпа директно на коловозот, со реална опасност од нови одрони. Од Центар за управување со кризи (ЦУК) информираат дека веднаш се преземени мерки за расчистување и обезбедување на теренот.
КРИТИЧНИ ТОЧКИ НИЗ ДРЖАВАТА
-
Кај каменоломот на патот Гостивар – Маврово е регистриран одрон, а расчистувањето е во тек.
-
Во ридско-планинските делови, на правците Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава, интервенираат два камиона. Сите патишта се проодни, но во зимски услови, со снежна покривка до 15 см.
-
Патот од селото Пелинце до граничниот премин Пелинце беше подмрзнат и небезбеден, но по интервенција е целосно расчистен.
-
Одрон е евидентиран и на патот кон манастирот Св. Јоаким Осоговски.
ПОПЛАВИ И НАДОЈДЕНИ РЕКИ
-
Реката Црна во Новаци достигна 320 сантиметри и е под постојан мониторинг.
-
Во Охрид сè уште има поплавени подруми и дворови на повеќе локации.
-
Во селата Мислешево и Калишта во Струшко, дворовите се под вода, а санацијата е отежната поради бавно истекување.
-
Реката Радика во Дебар има зголемен водостој, но засега нема опасност од излевање.
-
Во Кичево, водостоите на Зајашка река и Треска се намалени и нема закана од нови поплави.
ЗАТВОРЕНИ И ОТЕЖНАТИ ПАТИШТА
-
Поради оштетен мост на Боишка Река, локалниот пат кон селото Мренога е целосно затворен.
-
Патот Пклиште – Герман е затрупан со снег; механизацијата е на терен, но движењето е отежнато поради кашест снег.
-
Помали одрони има и на правците Истибања – Делчево – граничен премин, Виница – Берово и Штип – Неготино, кои редовно се расчистуваат.
СТАБИЛИЗАЦИЈА ВО НЕКОИ РЕГИОНИ
-
Во Крушево сите локални и регионални патишта се исчистени, посолени и проодни.
-
Во Ресен има поплавени земјоделски површини, но водата се повлекува; во тек е расчистување на коритото на Голема Река.
![]()

