НАЈГЛАСНИОТ КРИТИЧАР НА ВЛАСТА ВО ПРАВОСУДСТВОТО ВЛЕГУВА ВО СУДСКИОТ СОВЕТ

Адвокатката Сузана Јошевска – Анастасовска е новоименуван член на Судскиот совет на Република Северна Македонија, со повеќе од 22 години професионално искуство во правото, главно во областа на кривичното право. Таа е еден од двата предлози на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за пополнување на ова значајно правосудно тело.

Јошевска – Анастасовска во јавноста е особено позната како адвокат на еден од обвинетите во судскиот процес поврзан со трагедијата во Кочани, но и како чест и отворен критичар на власта и состојбите во правосудството.

Во својата професионална кариера, таа има и институционално искуство, откако во минатото беше советник во Специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде работеше на предмети од висок јавен интерес.

Од март 2007 година, Сузана Јошевска – Анастасовска е основач и партнер во адвокатската канцеларија „Станковиќ и Јошевска“, каде повеќе од две децении активно се занимава со адвокатура и застапување во сложени кривични предмети.

Образованието го стекнала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде дипломирала во 2002 година, а подоцна завршила и магистерски студии по кривично право. Правосудниот испит го положила во април 2005 година.

Нејзиниот избор за член на Судскиот совет се оценува како чекор кон вклучување на искусен адвокат со критички пристап и практично познавање на судските процеси, во институција која има клучна улога во изборот, унапредувањето и одговорноста на судиите.

Loading