Од „ВМРОИД – едноклеточна форма“ до „ајде на кафе, лидерски“ – Флексибилниот морал на Апасиев

Ова веќе не е прашање на прагматизам, туку на интелигенцијата на публиката. Зашто ако некој е навистина фашист, криминалец и закана по општеството, тогаш со него не се оди на лидерска средба. А ако може да се оди, тогаш или претходните квалификации биле лага, или моралот е флексибилен како пластична сламка. Трета опција не постои, колку и да се обидува некој да ја завитка во зборови како „одговорност“ и „државнички пристап“.

Во македонската политика одамна видовме сè, но ретко се гледа ваква концентрација на морална храброст што трае точно до првата покана. Димитар Апасиев со месеци го третира Христијан Мицкоски не како политички противник, туку како историска грешка што треба да се прецрта со дебел маркер. Фашизам, криминал, едноклеточност, банки, елити, мигрантски кампови, молк за мафија, предавство – целиот речник на апокалипсата е потрошен без штедење. Ако некој ги чита тие објави без контекст, ќе помисли дека станува збор за човек со кого не се седи, не се зборува и не се дели воздух, а камоли маса.

И токму затоа сцената кога истиот тој „фашизам“ упатува покана за лидерска средба, а одговорот е брз, тивок и ентузијастички, е чист политички водевил. Нема услови, нема дистанца, нема јавна ограда, нема „прво да расчистиме“. Само прифаќање со брзина со која обично се прифаќа повик за бесплатен ручек. Сите тие капслок статуси, сите тие емотикони со гадење и гаѓање, сите тие црвени банери со „Vmronevermore“ во тој момент се претвораат во дигитален отпад – корисен за лајкови, но без никаква обврска.

Ова веќе не е прашање на прагматизам, туку на интелигенцијата на публиката. Зашто ако некој е навистина фашист, криминалец и закана по општеството, тогаш со него не се оди на лидерска средба. А ако може да се оди, тогаш или претходните квалификации биле лага, или моралот е флексибилен како пластична сламка. Трета опција не постои, колку и да се обидува некој да ја завитка во зборови како „одговорност“ и „државнички пристап“.

Особено трагикомично е што целиот тој револуционерен патос – фотографиите со 1917, погледите полни со историска тежина, реториката на „никогаш со нив“ – се распаѓаат во моментот кога политиката станува реална, а не сценска. Револуционерот исчезнува, а останува политичарот што не сака да испадне надвор од кругот на „релевантните“. Системот што до вчера беше проколнуван, одеднаш станува доволно чист за разговор.

На крајот, не е проблем што Апасиев седнува на маса. Проблем е што со месеци ја убедуваше јавноста дека таа маса е валкана, заразна и морално неподнослива. И кога без срам седна, испадна дека не ја излажал власта, туку сопствените следбеници. Зашто зборовите што се фрлаат како камења, а се собираат како салфетки кога ќе дојде покана, не се радикализам. Тоа е обичен политички блеф.

И можеби токму тука е најголемата иронија: во обидот да изгледа најпринципиелен, Апасиев успеа да покаже колку малку му значат сопствените принципи. Не затоа што разговара, туку затоа што претходно викаше дека разговорот е невозможен. И кога „никогаш“ значи „до првиот повик“, тогаш проблемот не е Мицкоски. Проблемот е што целата таа жестина била само за галерија, а не за реалноста.

пишyвa д-p. Aмaтepкaтa, вoнpeдeн пpoфecop нa eдeн фaкултет

Loading