ЗОШТО Апасиев МОРА ЈАВНО ДА НЕГИРА ВРСКА СО ДУИ ? Психологијата на „не сум јас, тие се“

Психологијата на „не сум јас, тие се“

Кога некој не чувствува потреба да се правда, тој едноставно молчи. Кога чувствува – тогаш оправдувањето станува погласно од самиот настан. Во случајот на Димитар Апасиев, токму таа психолошка динамика е најинтересниот дел од целата приказна.

Неговата реакција не е политичка, туку длабоко психолошка. Наместо ладна дистанца или игнорирање на наративот за наводна соработка со ДУИ, добиваме саркастичен статус, шега, иронија, „чекај сеа, баце…“. Тоа е класичен одбранбен механизам – хуморот како штит од непријатната вистина, или барем од непријатното сомневање.

Проблемот не е во тоа дали навистина „работел“ со ДУИ или не. Проблемот е што чувствува потреба тоа да го демантира на начин што повеќе открива отколку што крие. Психолозите одамна знаат: кога човек реагира импулсивно и со потсмев, најчесто не се бори со противникот, туку со сопствената анксиозност од перцепцијата.

Апасиев не се брани од факт, туку од симбол. ДУИ, во македонската политичка психа, не е само партија – тоа е архетип на „темната страна на власта“, на договорите зад затворени врати, на политичката трговија. Да бидеш поврзан со ДУИ значи да ја изгубиш моралната супериорност врз која Левица ја гради својата политичка идентичност.

Токму затоа оправдувањето е толку нервозно. Затоа се потенцира „кафе“, „баци рака“, „случајност“. Тоа се обиди да се минимизира симболичката тежина на контактот. Но во политиката, симболите се посилни од фактите. Една фотографија вреди повеќе од сто деманти.

Иронијата е што ваквиот настап не го гаси сомнежот, туку го храни. Човек кој е сигурен во својата позиција не мора да ја исмејува тезата – тој ја надминува. Но кога се чувствува загрозен идентитетот што сам си го изградил – тогаш доаѓа потребата за јавна психолошка одбрана.

На крајот, ова не е приказна за кафе во Мала Речица. Ова е приказна за стравот од тоа да не се стане она против кое цел живот си се борел. А тој страв, колку и да се маскира со емотикони и сарказам, секогаш некако излегува на површина.

Loading