КОЈ ЈА ЦРТА ГРАНИЦАТА НА МОЌТА? ПОЛИТИЧКА БУРА ОКОЛУ ЕДНО ИМЕ

Политичките тензии околу наводите за обид за преземање на болницата на Жан Митрев продолжуваат да ја брануваат јавноста. СДСМ повторно го повика Митрев да поднесе пријава до Јавното обвинителство, додека од ВМРО-ДПМНЕ бараат оставка од Венко Филипче.

Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска продолжија со обвинувањата дека Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев сакале да ја преземат болницата на Жан Митрев. Според изјавата на пратеникот Бране Петрушевски, тие преку својата политичка моќ и државните институции вршеле притисок врз Митрев за откуп на удели по цена која самите би ја одредиле.

„Според изјавите на доктор Жан Митрев, Заев и Филипче рекле дека тие ќе ја одредат вредноста за откуп на уделите во болницата, а за возврат ќе му помогнат во судскиот процес. Дали е ова моделот по кој Филипче сака да ја води Македонија?“ – изјави Петрушевски.

Тој додаде дека наместо да поднесе оставка и да ја препушти партијата на „чесни и млади луѓе“, Филипче продолжува да ја води СДСМ по насоките на Заев.

Реакција од СДСМ: Поднесете пријава ако има докази

Од СДСМ повторно порачаа дека доколку постојат докази, Жан Митрев треба да поднесе пријава во Обвинителството. Според нив, тоа што тој досега не го сторил, отвора сомнеж дека станува збор за невистини за кои може да има и кривична одговорност. Воедно, од партијата велат дека нема потреба од, како што ја нарекоа, „медиумска хајка и јавен линч“ врз Филипче.

Филипче со критики до актуелната власт

Филипче денеска возврати со остри критики кон актуелната власт, оценувајќи дека земјата е навлезена длабоко во корупција и медиумски мрак.

„Мислам дека ниту една политичка партија не треба да даде поддршка на ваква власт, затоа што со оваа тендерска коалиција Македонија нема иднина“, изјави Филипче.

Мицкоски повикува на постапка по допрен глас

Премиерот Христијан Мицкоски вчера го повика Јавното обвинителство да отвори постапка по допрен глас, изразувајќи сомнеж и за можна вмешаност на поранешниот претседател Стево Пендаровски. Пендаровски ги оцени обвинувањата како неосновани и порача дека институциите можат слободно да постапуваат.

Инаку, по јавната изјава на Жан Митрев во која ги обвини Заев и Филипче, тој сè уште нема соопштено дали ќе поднесе пријава до Обвинителството, ниту пак се има појавено повторно во јавноста.

Loading