Агенција за национална безбедност (АНБ) предупредува дека сериозниот финансиски и економски криминал, како и високата корупција, претставуваат едни од најсофистицираните и најопасните форми на поткопување на стабилноста на државата, институциите и довербата на граѓаните.
Според АНБ, современите безбедносни закани одамна не се ограничени само на класичните ризици по уставниот поредок или територијалниот интегритет. Денес, финансиската безбедност и борбата против високата корупција се прашање на национална безбедност, бидејќи ваквите појави имаат сериозни и долгорочни последици врз институционалниот интегритет и владеењето на правото.

Во денешното соопштение, од Агенцијата наведуваат дека преку засилени оперативни и аналитички капацитети, унапредена меѓуинституционална соработка и проактивен разузнавачки пристап, во изминатиот период биле детектирани повеќе случаи со сериозни безбедносни и институционални импликации.
Како пример, АНБ посочува:
-
Предмет поврзан со сериозен финансиски и даночен криминал, со значителна штета по државниот буџет, по кој веќе постапуваат надлежните институции.
-
Предмет поврзан со сомнежи за висока корупција во правосудниот систем, во кој е пронајдена и одземена значителна парична сума.
„Овие случаи јасно покажуваат дека сериозниот финансиски криминал и високата корупција не се само прашање на поединечни кривични дела или буџетска штета, туку директна закана за институционалниот интегритет, владеењето на правото и безбедноста на државата“, истакнуваат од АНБ.
Од Агенцијата нагласуваат дека нивната улога е навремено разузнавачко и аналитичко дејствување – препознавање и анализа на ризиците и доставување на релевантни информации до надлежните институции, кои понатаму постапуваат согласно своите законски овластувања.
![]()

