Судењето за случајот „Талир“ повторно е одложено, откако обвинителката Ленче Ристоска достави корегирано обвинение, но на денешното рочиште не се појавија адвокатот на обвинетата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, ниту адвокатот на еден од обвинетите.
Според обвинителството, настапена е застареност за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ за поранешниот премиер Никола Груевски и Кирил Божиновски, поради истек на законските рокови и измените на Кривичниот законик донесени во 2023 година.

Сепак, обвинителката Ленче Ристоска потенцира дека тоа не претставува пречка за продолжување на постапката за делото „перење пари“, за кое застареноста, согласно законот, настапува дури во 2035 година.
Во предметот „Талир“ обвинети се Никола Груевски, Кире Божиновски, Илија Димовски, Леко Ристовски и Миле Јанакиески, како и политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Денешното одлагање практично значи дека судењето нареден пат ќе мора да почне од почеток – по шести пат. Очигледно е дека стратегијата на одбраната е фокусирана на одолговлекување на постапката, бидејќи само преку застареност можат да избегнат одговорност. Обвинителството располага со цврсти и сериозни докази“, изјави Ристоска.

Судењето го води судијата Илија Трпков, а новото рочиште е закажано за 29 јануари, бидејќи поминале повеќе од 90 дена од последната расправа по овој предмет, што согласно законот значи дека процесот мора повторно да започне од почеток.
Судскиот процес за „Талир“ трае од 2019 година, а честите одложувања и законските измени повторно го отворија прашањето за ефикасноста на правдата и одговорноста за високата корупција во државата.
![]()

