СКАНДАЛ НА ПРЕС НА СДСМ: ФРЧКОСКИ ПРИКАЖАЛ ЛАЖНИ ГРАФИКОНИ

Единствениот сопственик на порталот Лидер, Љупчо Златев, остро реагира на, како што вели, лажните тврдења и графикони презентирани од Јон Фрчкоски на прес-конференција на СДСМ.

Златев посочува дека сопствеништвото на Лидер е јасно, транспарентно и целосно домашно, и дека сите информации лесно може да се проверат во Централниот регистар и МАР-НЕТ.

„Издавач на Лидер е Џенерал Хералдинг ДООЕЛ Скопје, а 100% од уделите се во моја сопственост. Наместо проверка, Фрчкоски и СДСМ свесно шират лаги“, напиша Златев.

Тој потсети дека токму за време на локалните избори, Лидер имал деловна соработка со СДСМ, што, според него, ги прави обвинувањата уште понелогични.

На истата прес-конференција, Фрчкоски ги нападна и медиумите Курир, Алфа, Денешен, Економски, Вистина и Република, нарекувајќи ги дел од наводен „медиумски октопод на Орбан“. Иако Лидер не беше директно спомнат, неговото име било прикажано на илустративни слајдови.

Златев предупредува дека ваквите јавно изнесени дезинформации можат да нанесат директна штета на медиумот и компанијата, која, како што вели, се поврзува со политички субјекти исклучиво поради својата уредувачка политика.

Loading