На само пет дена пред официјалниот старт на проектот „Безбеден град“, кој од 1 февруари треба автоматски да ги регистрира сообраќајните прекршоци преку „паметни“ камери, иницијативата веќе се најде пред Уставен суд.
Крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села го оспори Законот за прекршоци, наведувајќи неколку основи за противуставност. Според Села, законот е селективен бидејќи се применува само во Скопје, Куманово и Тетово, а дополнително се посочува и проблемот со недвојазичните известувања, како и практиката казните да се испраќаат преку СМС-пораки.

Лажни СМС-пораки и предупредувања од експертите
Иако проектот сè уште е во пилот-фаза, дел од граѓаните веќе пријавуваат лажни СМС-пораки за наводни сообраќајни прекршоци. Сајбер-безбедносни експерти предупредуваат дека станува збор за измами со цел извлекување пари и апелираат на зголемена внимателност, бидејќи ваквите обиди допрва може да се интензивираат.
Кои прекршоци ги регистрира „Безбеден град“
„Паметните“ камери автоматски детектираат:
-
непрописно паркирање и запирање
-
поминување на црвено светло
-
управување со возило со истечена регистрација
-
пречекорување на дозволената брзина

Од Министерство за внатрешни работи информираат дека сите санкции се утврдени согласно закон и ќе се применуваат по стартот на системот.
Глоби за пречекорување на брзината
Во населено место:
-
до 10 km/h над дозволеното – 15 €
-
од 10 до 30 km/h – 50 €
-
од 30 до 50 km/h – 300 € + забрана за управување 3–12 месеци
Надвор од населено место:
-
до 30 km/h – 20 €
-
од 30 до 50 km/h – 50 €
-
од 50 до 70 km/h – 300 € + забрана 3–12 месеци
Други санкции
-
Поминување на црвено светло: 250 € + забрана 3–12 месеци
-
Непрописно запирање и паркирање: 25 €, 40 €, 150 € и 180 €
-
Нерегистрирано возило: 500 €
-
ако регистрацијата е истечена до 30 дена: 100 €
-
Граѓаните ќе имаат рок од 8 дена да платат 50% од казната, или дополнителни 8 дена за целосниот износ. Во случај на несогласување, ќе се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд.
![]()

