Македонски државјанин кој бил меѓународно баран за три убиства е уапсен во албанската престолнина Тирана, соопштија надлежните органи.
Станува збор за Бесим Шерифи (52), жител на селото Копаница, општина Сарај, во Македонија. Тој подолг период се криел во Тирана, користејќи фалсификувани лични документи на име на државјанин од Косово, информира албанската полиција.
Според официјалните информации, по Шерифи била распишана меѓународна потерница од Интерпол Скопје, откако Судот во Скопје во 2007 година му изрекол мерка притвор за кривичното дело „Убиство“. Според македонското кривично законодавство, за ова дело е предвидена казна доживотен затвор.
Надлежните органи информираат дека Шерифи се сомничи дека на 5 октомври 2007 година, во селото Копаница во Скопје, со огнено оружје убил три лица.
При извршен физички претрес и претрес во станот каде што престојувал, кај осомничениот биле пронајдени и одземени косовски пасош, лична карта и возачка дозвола, сите фалсификувани и со податоци на државјанин од Косово.
Албанската полиција соопшти дека материјалите поврзани со кривичното дело „Фалсификување исправа“ се доставени до Обвинителството при Основниот суд од општа надлежност во Тирана, за понатамошна постапка.
Во меѓувреме, Интерпол Тирана, во соработка со Интерпол Скопје, ги продолжува процедурите за екстрадиција на Бесим Шерифи во Република Македонија.
![]()

