ДАЛИ НА МИЦКОСКИ МУ СЕ ПОТРЕБНИ „КОРЕКЦИИ“ ОД МИНЧЕВ?!

Коректор не е оној што ќе ја смени партиската книшка, туку оној што навреме се спротивставил на погрешните политики, дури и по цена на функцијата. Сè друго личи повеќе на политичка рехабилитација отколку на вистинска реформа.

Неодамнешниот настап на Горан Минчев во емисијата Топ Тема, каде што се претстави како принципиелен коректор на владини политики во име на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, отвора сериозно и легитимно прашање:
како човек кој со години бил дел од системот што денес го критикува, може уверливо да глуми коректив?

Минчев денес зборува за борба против партизацијата, злоупотребите во јавната администрација и нефункционалните механизми како „Балансерот“. Но токму тие појави не се создадени вчера – тие се директен производ на долгогодишното владеење на СДСМ, партија во која Минчев беше активен член и функционер. Во периодот кога СДСМ ја имаше целосната власт, не се памети дека Минчев јавно се спротивставил на партиските вработувања, селективната правда или политичката трговија со националните прашања.

Особено проблематично е кога денес тој ја посочува ДУИ како „главен кочничар на реформите заедно со СДСМ“, без притоа да ја преземе сопствената политичка одговорност за времето кога токму СДСМ ја одржуваше таа коалиција и ги бранеше истите тие политики. Ако системот бил погрешен, зошто тогаш молчеше? Ако бил штетен за државата, зошто не се повлече порано?

Минчев сега настапува со патриотска реторика за уставните измени и националните интереси, тврдејќи дека „нема трговија со идентитетот“. Но јавноста со право потсетува дека токму СДСМ ја отвори таа врата, прифаќајќи болни компромиси без јасни европски гаранции. Оттука, тешко е да се прифати дека истите луѓе кои учествувале или молчешкум поддржувале такви политики, денес се нивни најгласни критичари.

ЗНАМ се обидува да се позиционира како нова, чиста и корективна сила во Владата. Но таа улога ќе остане некредибилна сè додека нејзините најекспонирани претставници носат тешко политичко минато, поврзано со истите практики против кои сега декларативно се борат.

Коректор не е оној што ќе ја смени партиската книшка, туку оној што навреме се спротивставил на погрешните политики, дури и по цена на функцијата. Сè друго личи повеќе на политичка рехабилитација отколку на вистинска реформа.

А.А

Loading