МАКЕДОНСКИ УМ ЈА ПОБЕДИ ЕВРОПА: ЗЕЛЕН БИЗНИС КОНЦЕПТ СО НАЈВИСОКО ПРИЗНАНИЕ ОД ETF!

Проектот од Македонија „Најдобар бизнис концепт за зелени иновации“ ја освои престижната Green Skills Award 2025, награда доделена од Европската фондација за обука (ETF), со што нашата земја се искачи на првото место меѓу над 250 апликации од повеќе од 50 држави ширум светот.

Наградата беше врачена за време на Деновите на енергија организирани од Политехничкиот универзитет во Торино, каде македонската иницијатива блесна како пример за тоа како образованието, претприемништвото и одржливоста можат да се спојат во практични решенија со реално еколошко влијание.

Иницијативата покажува како зеленото претприемништво може да го трансформира образованието – овозможувајќи им на младите не само да учат, туку и да развиваат, тестираат и скалираат иновативни идеи што директно одговараат на климатските и еколошките предизвици на денешницата.

Македонскиот проект го освои првото место меѓу пет финалисти, оставајќи ги зад себе проектите од Турција и Шпанија, кои го зазедоа второто и третото место. Меѓу финалистите се најдоа и Тунис и Казахстан, што дополнително ја истакнува силата на македонскиот успех.

„Да се биде добитник на ETF Green Skills Award 2025 е огромно признание за напорите што ги вложуваме за наставниците и учениците во Македонија да развиваат поеколошки начин на размислување. Оваа награда испраќа силен сигнал дека Европа ги препознава и вреднува нашите напори и дека смета на Македонија на патот кон членство во Европската Унија“, изјави проф. Радмил Поленаковиќ, претседател на NCDIEL и дел од тимот на Центарот за извонредност во зелени иновации при Машинскиот факултет на УКИМ.

Наградата Green Skills Award, основана во 2021 година, има за цел да ги промовира најдобрите практики што придонесуваат кон кружна и јаглеродно неутрална економија. Во петте изданија досега, пристигнале над 1.350 апликации од повеќе од 60 земји, а биле регистрирани и повеќе од 57.000 јавни гласови.

Овој успех не е само признание за еден проект – туку доказ дека Македонија има знаење, визија и млади луѓе подготвени да ја градат зелената иднина на Европа.

Loading