КОЈ СТОИ ПОЗАДИ МАКЕДОНСКАТА ФИРМА ПОВРЗАНА СО ПЕТ ТОНА ДРОГА?

Истражните органи во Србија открија дека рекордната заплена од повеќе од пет тони марихуана, пронајдена во селото Коњух кај Крушевац, има директна врска со Македонија. Според соопштението на српското обвинителство, дрогата била набавена токму на македонска територија, а потоа нелегално транспортирана преку границата кон Србија.

Вишиот суд во Белград синоќа (31.01.) одреди притвор за тројца осомничени – Н.С., Р.С. и И.Д., поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци, повторување на делото и нарушување на јавниот ред и мир.

Претходно, Јавното обвинителство за организиран криминал информираше дека е отворена истрага против Александар Мијајловиќ, Небојша Спасојевиќ, Раде Спасојевиќ, Иван Драгниќ и Урош Младеновски. Според истрагата, криминалната група делувала на меѓународно ниво, со јасна логистичка линија од Македонија кон Србија.

Особено внимание привлекува фактот што осомничениот Иван Драгниќ е косопственик на компанијата „Алфафарм“, регистрирана во скопскиот регион за производство и преработка на медицински канабис. Овој податок отвора сериозни прашања за можни злоупотреби во секторот со медицински канабис во Македонија и потенцијална вмешаност на легални субјекти во нелегални активности.

Според обвинителството, Драгниќ ја транспортирал марихуаната од Македонија во магацин на семејството Спасојевиќ во Србија, од каде што дрогата била подготвувана за понатамошна дистрибуција. Покрај наркотиците, полицијата запленила и четири автоматски пушки, рачен фрлач – зоља и повеќе од 1,5 милиони динари.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека станува збор за најголемата заплена на дрога во историјата на земјата и посочи дека наркотиците најверојатно пристигнале „од јужните соседи“, алудирајќи токму на Македонија.

Loading