ТИК-ТАК НА ПОЛИТИЧКИОТ ЧАСОВНИК: КОЈ ГО ПОДЕСУВА ВРЕМЕТО ЗА ИЗБОРИ?

Предвремените парламентарни избори повторно се враќаат во фокусот на политичката сцена, откако темата јавно ја отвори претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Опозицијата тврди дека актуелната Влада нема капацитет да го истера мандатот до 2028 година, додека власта остро ги демантира ваквите најави.

Филипче е дециден дека државата влегува во сериозна криза, за која директно ја обвинува Владата. Според него, недостатокот на волја и капацитет за управување, како и обвинувањата поврзани со можен мигрантски наплив, се клучните причини поради кои предвремените избори се неопходни. Тој очекува гласањето да се случи до крајот на оваа или на почетокот на следната година, нагласувајќи дека актуелната власт „нема да издржи“ до крајот на мандатот.

Од друга страна, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, категорично ги отфрла ваквите тврдења. Мицкоски истакнува дека парламентарните избори ќе се одржат исклучиво во редовниот термин во 2028 година. Во однос на прашањето за евентуално укинување на техничката Влада, тој повторува дека тоа може да се случи само по редовните избори.

Темата за предвремени избори не е нова – таа претходно беше актуелизирана од опозицијата во контекст на најавите за можен зголемен мигрантски притисок врз државата. Тогаш Мицкоски предупреди дека опозицијата треба внимателно да внимава што посакува, бидејќи, како што рече, желбата може и да им се оствари.

Loading