Министерството за здравство соопшти дека ќе спроведе детална истрага за случајот што во јавноста се отвори како „извоз на мозоци“ од Македонија во Соединетите Американски Држави, нагласувајќи дека нема директни надлежности во спроведувањето на научно-истражувачката дејност, но дека областа поврзана со биолошки материјал е строго нормативно регулирана.
Од Министерство за здравство велат дека законската обврска за чување на медицинската документација претходно изнесувала 15 години, а од 2018 година е продолжена на 25 години. Во периодот на кој се однесува истражувањето, постапката за транспорт на ткива опфаќала информирана согласност од семејството, одлука од Етичка комисија за истражување кај луѓе и дозвола за извоз од тогашното Биро за лекови, со прецизна намена за научно-истражувачка дејност.

Министерот за здравство Алиу изјави дека е формирана посебна работна група која ќе ги „чешла“ сите релевантни документи, со цел да се утврди дали биле почитувани правната рамка и етичките стандарди. Тој изрази оптимизам дека случајот ќе биде разјаснет во краток временски рок.
Во меѓувреме, документи од американски извештаи објавени од „Слободен печат“ откриваат дека во проектот учествувале повеќе македонски институции, меѓу кои психијатриските болници во Бардовци, Демир Хисар и Негорци. Според извештај на Одделот за психијатрија на Универзитет Колумбија, истражувањето било насочено кон невропатолошки корелации на деменција и шизофренија, преку собирање мозоци и клинички податоци од обдукции на психијатриски пациенти и случаи на самоубиство, во соработка со Институтот за судска медицина, Медицинскиот факултет и споменатите болници.

Во извештаи на Американска национална библиотека за медицина се наведува дека македонски патолози биле обучувани за собирање замрзнати примероци, а дел од нив престојувале на Универзитетот Колумбија за да се запознаат со методите на обработка. Двајца македонски психијатри, пак, биле на повеќемесечна посета со цел развој на нов инструмент за клинички прегледи.
Според документите, научната соработка започнала уште во 1996 година, а значително се проширила по 2002 година, кога проектот добил финансирање од Националниот институт за ментално здравје во САД. Во тој период Македонија, како што потврди и професорот Алексеј Дума за ТВ 24, испорачувала меѓу 10 и 15 мозоци годишно, најчесто од починати лица поради самоубиство. Тој нагласи дека станувало збор за медицинско-научно истражување спроведено по меѓународни стандарди и преку официјални канали.
![]()

