Од политичката партија Левица обвинуваат дека членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, вршела континуиран психолошки притисок и мобинг врз вработените во институцијата.
Според информациите што, како што велат од Левица, пристигнуваат до нив, дел од вработените во ДКСК биле изложени на вербално понижување, навреди, викање и омаловажување, што резултирало со создавање атмосфера на страв и притисок на работното место. Наводно, ваквото однесување довело и до иницирање и потпишување петиција од страна на вработените, со која се бара разрешување на Ристовска.

„Антикорупционер кој врши притисок врз сопствените колеги не може да биде кредибилен борец против корупцијата“, наведуваат од Левица, додавајќи дека институција која треба да биде бастион на интегритетот не смее да функционира како средина во која владеат навреди, психолошки притисок и злоупотреба на хиерархиската позиција.
Од партијата јавно ја повикаа Цвета Ристовска да престане со, како што велат, истурање на лични фрустрации врз вработените, а надлежните институции, пред сè Државниот инспекторат за труд, итно да постапат и да извршат контрола за евентуално постоење мобинг и повреда на работничките права во ДКСК.

Левица оценува дека доколку ваквото однесување се толерира, тоа дополнително ја поткопува довербата во Антикорупциската комисија, која, според нив, сè повеќе служи за заташкување, наместо за санкционирање на корупцијата.
Дополнително, од партијата информираат дека во најкраток можен рок, нивните пратеници ќе иницираат постапка за разрешување на антикорупционерката Цвета Ристовска, имајќи ги предвид досега објавените, како и дополнителните информации кои, како што наведуваат, секојдневно им пристигнуваат.
![]()

