И ПО ИСТОРИСКИОТ ПОРАЗ – ФУНКЦИЈА: КАЈА ШУКОВА ИЗБРАНА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ФОРУМОТ НА ЖЕНИ

Каја Шукова е избрана за нова претседателка на Форумот на жени на СДСМ, одлучи вчера Извршниот одбор на партијата.

Шукова беше кандидатка на СДСМ за градоначалник на Скопје на последните локални избори, но не успеа да се пласира во вториот круг, што за првпат во историјата на партијата значеше завршување на трката уште во првиот круг. Таа го освои петтото место.

Со оваа одлука, Шукова станува третата партиска функционерка која лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја враќа на висока позиција по историски најголемиот пораз на партијата на локалните избори.

И покрај поднесената оставка од функцијата шеф на изборниот штаб и генерален секретар, Александар Саша Димитријевиќ остана генерален секретар на партијата. Истовремено, Фани Каранфиловска Пановска остана заменик-претседателка на СДСМ.

На последниот Конгрес на СДСМ, наместо констатирање на оставките, беше ставено на гласање прашањето за доверба, кое беше изгласано од делегатите. Сепак, и понатаму нема официјални информации што се случи со оставката која, според дел од делегатите, „мистериозно“ исчезнала пред почетокот на Конгресот.

Loading