Студенти од програмата Меѓународни и интеркултурни студии (МИС) при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ реагираа на јавните изјави на министерката за образование Весна Јаневска, дадени во емисијата „Директно“ на Телма, во контекст на новиот предлог-закон за високо образование.
Министерката посочи дека на јавните универзитети постојат студиски програми со мал број запишани студенти – по три или пет – што, според неа, е неодржливо. Иако не беше директно именувана програмата, студентите од МИС оценуваат дека ваквите изјави претставуваат напад врз квалитетни и интердисциплинарни студии.

Во реакцијата објавена на официјалната Фејсбук-страница, од програмата посочуваат дека МИС е воспоставена во академската 2017 година, со просечна квота од околу 25 студенти (10 во државна квота, 10 во приватна и 5 вонредни). Според нив, овој број е во согласност со проценките на Филозофски факултет – Скопје и претставува оптимален обем за квалитетна настава.
Од МИС нагласуваат дека станува збор за единствена интердисциплинарна програма од ваков тип во земјата, која овозможува следење предмети од повеќе факултети при УКИМ – Филозофскиот, Економскиот, Правниот и други. Според нив, ваквиот модел е во согласност со современите академски трендови и пракси на универзитети високо рангирани на Шангајската листа.
Тие оценуваат дека во услови на, како што велат, „хиперпродукција на монолитни дипломи“, критиките кон интердисциплинарните програми се деструктивни. Напротив, сметаат дека токму ваквиот пристап треба да се стимулира во рамки на реформите во високото образование.

Од програмата истакнуваат дека нивните дипломирани студенти, со звање политиколог по меѓународни и интеркултурни односи, денес се активни во граѓанскиот сектор, меѓународни и регионални организации, како и во институциите на системот.
Во однос на предлог-законот, од Министерството за образование и наука (МОН) информираа дека истиот ќе биде надграден со издржани сугестии од академската заедница и јавноста, а во неговата изработка учествувале најмалку 60 професори. Оттаму посочуваат дека е потребна реорганизација на дел од студиските програми, но демантираат дека ќе се укинуваат програми од национален интерес.
Министерката Јаневска претходно изјави дека автономијата на универзитетите нема да биде нарушена со новото законско решение, но нагласи дека високообразовните институции треба да бидат отчетни кон Владата.
![]()

