Вчера во Кривичниот суд продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, при што повеќе од осум часа на вкрстени прашања од одбраната одговараше вештото лице Маја Равник од Медицинскиот факултет во Марибор.
Во фокусот на расправата беше примената на лекот „капецетабин“ кај пациенти со карцином на јајници. Во своето вештачење, Равник навела дека лекот нема индикација за лекување на оваа болест според современите европски и меѓународни онколошки протоколи.

Одбраната, пак, тврдеше дека во Македонија „капецетабин“ се користи како терапија од втора и трета линија и кај гинеколошки карциноми, повикувајќи се на национални протоколи и клиничка студија објавена во европско медицинско списание.
Равник изјави дека при изготвувањето на мислењето се повикувала на меѓународни и европски насоки и дека не направила анализа на македонските национални протоколи. Доколку тие постојат и се поткрепени со докази, рече таа, не може да ги коментира.
Одбраната ја оспори и нејзината оценка дека одредени терапии биле неиндицирани и довеле до влошување на здравствената состојба кај пациенти. Васев посочи пример со пациентка која живеела 52 месеци, иако просечната преживеаност за таа дијагноза изнесува 17 месеци. Равник одговори дека долгото преживување е позитивно, но останува на ставот дека дел од терапиите отстапувале од протоколите.

Како спорни беа посочени и терапиите со „цетуксимаб“, како и комбинираната терапија со „перзотумап“ и „херцептин“. Според Равник, давање само на еден од лековите од комбинираната терапија не е оправдано, дури ни во услови на недостиг, бидејќи самостојно нема соодветен ефект.
Таа потврди дека во своето вештачење не утврдувала индивидуална одговорност на конкретни лекари.
Бранителот Боби Спирковски оцени дека вештачењето нема правна валидност и дека покажува непознавање на националните протоколи, нагласувајќи дека лекарите можат со образложение да отстапат од нив во интерес на пациентот.
Во предметот, покрај Васев, обвинети се уште двајца онколози. Судењето продолжува со сослушување на дополнителни вешти лица од Словенија, а најавено е и вклучување на експерти од Србија во наредната фаза од доказната постапка.
![]()

