Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, повторно ја актуализираше темата за трагичниот пожар во модуларната болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица, повикувајќи се на изјава на поранешната обвинителка во СЈО, Лејла Кадриу.
Според Манасиевски, Кадриу изјавила дека била суспендирана откако побарала градежно вештачење за објектот, нагласувајќи дека „пола влада ќе одела во затвор“ доколку истрагата била спроведена до крај.
Тој обвини дека за поставувањето на модуларните болници биле направени измени на Законот за градење по итна постапка, со што, како што тврди, биле намалени контролите и стандардите за изградба. Манасиевски посочи дека наместо панели со камена волна, биле користени панели со PUR пена, кои се полесно запаливи, како и дека недостасувал елаборат за електрична енергија, што според него придонело за експлозијата и пожарот.

Дополнително, тој постави прашања околу финансиските средства за модуларните болници, наведувајќи дека од вкупно 30 милиони евра, за конкретниот објект биле потрошени околу 300.000 евра, прашувајќи каде завршиле останатите средства.
Манасиевски исто така тврдеше дека локацијата на модуларната болница била ризична, бидејќи објектот бил поставен над резервоар на бензинска пумпа, што дополнително го зголемувало ризикот од поголема трагедија.
Тој заклучи дека случајот претставува пример за, како што рече, политички притисоци и контрола врз судството и обвинителството, нагласувајќи дека ваквите настани не смеат да се повторат.
![]()

