По бројните критики од јавноста и опозициските партии, премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека Владата Македонија се повлекува од намерата да набави нов државен авион.
Во својата изјава, Мицкоски истакна дека прашањето за безбедноста и функционалноста на актуелниот авион е сериозно, при што го употреби изразот „ќе се молиме да останеме живи“, објаснувајќи дека нов авион би бил потребен за безбедносни и хуманитарни мисии. Сепак, по засилените реакции во јавноста и политичкиот притисок, Владата одлучи да ја стопира постапката.

Набавката предизвика остра дебата, особено поради проценките дека станува збор за значителна сума на буџетски средства. Дел од граѓаните и опозициските партии сметаат дека овие средства треба да се пренаменат за приоритетни социјални и економски прашања, како зголемување на минималната плата, подобрување на платите во јавниот сектор и поддршка на ранливите категории.
Опозицијата, предводена од Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), оцени дека најавата за купување нов авион била непромислена во услови кога голем број граѓани се соочуваат со ниски приходи и економски предизвици.
Од Владата засега не се најавува нов рок за евентуална идна набавка. Прашањето за староста и техничката исправност на постојниот авион останува отворено, а можно е темата повторно да се актуализира во иднина од страна на некоја наредна влада.
Со оваа одлука, актуелната администрација формално ја откажа набавката, но јавната дебата за рационалноста на буџетските трошоци и вистинските приоритети на државата продолжува.
![]()

