На 22 февруари, кога целиот свет го одбележува Светскиот ден на извидниците – Founder’s Day, роденденот на основачот Robert Baden-Powell – Македонија уште еднаш покажа дека има млади кои живеат според највисоките вредности на чесност, солидарност и несебична служба. Дури 90 членови на Прв Скопски Извиднички Одред се дел од централната прослава во Кичево, каде годинава се пријавени 390 извидници од целата држава. Од најмладите развигорци на 6 години до искусните водачи – скопските извидници достоинствено го претставуваат својот град и ја испраќаат најубавата слика за младинската енергија во Македонија.

Извидничкото движење, кое започнува во 1907 година со првиот камп на островот Браунси, денес обединува милиони млади во повеќе од 170 земји. Но, она што ги прави извидниците посебни не е само традицијата долга повеќе од еден век, туку нивната постојана подготвеност да помогнат таму каде што е најпотребно. Во Македонија тие со децении се пример за дисциплина, лидерство и активен граѓански ангажман, организирајќи хуманитарни акции, донирајќи храна и вода за погодените од поплави, учествувајќи во крводарителски акции, вклучувајќи ранливи групи деца во своите активности и грижејќи се за бездомни животни. Нивното мото „Биди Подготвен“ не е само симболична порака, туку начин на живот.

Централната прослава во Кичево започнува со свечен марш до градскиот плоштад, по што следува официјално отворање и еден од најемотивните моменти – давањето на извидничкиот завет. Со добивањето на извидничката марама, новите членови симболично преземаат одговорност кон одредот, заедницата и општеството. Програмата продолжува со тричасовна стаза исполнета со едукативни и тимски активности, а скопските одреди дополнително организираат ноќен хајк до врв Крстовар на Водно, покажувајќи дека извидништвото е спој на физичка издржливост, тимска сплотеност и карактер.

Полнолетните членови активно се вклучуваат и во крводарителски акции во повеќе градови, испраќајќи силна порака за хуманост и општествена одговорност. Дополнително, секој учесник носи конзервирана храна и вода како поддршка за семејствата погодени од неодамнешните поплави – уште еден доказ дека извидниците не зборуваат за солидарност, туку ја живеат секој ден.
Во време кога младите најчесто се поврзуваат преку дигитални платформи, извидниците избираат вистинска комуникација, природа, дисциплина и конкретни дела. Тие се најорганизираниот, најпосветениот и најхуманиот дел од младинската сцена во Македонија и вистински пример дека иднината е во сигурни раце. На 22 февруари ќе ги препознаете по нивната марама – застанете, поздравете ги со извидничкиот поздрав и потсетете се дека општеството има на кого да се потпре.
![]()

