„Историски, принципот дека нема легитимно владеење без репрезентација е темел на модерната уставна демократија. Европската Унија, иако специфичен политички ентитет, го црпи својот легитимитет токму од учеството на државите членки во Советот и од директно избраниот Европски парламент. Ако една држава ги прифаќа сите обврски, а нема глас во тие институции, тогаш легитимитетот на обврзувањето станува теоретски и политички ранлив.“.
Идејата за т.н. градуална или постепена интеграција на Македонија во Европската Унија, односно модел на „членство без право на глас“, отвора суштинска политичка и правна дилема што ја надминува дневнополитичката реторика и навлегува во самата природа на европскиот проект. Дали ваквиот аранжман би претставувал креативен институционален одговор на хроничната блокада во пристапниот процес, или би означил преседан што ќе ја релативизира рамноправноста како темелна вредност на Унијата?
Прифаќањето на acquis communautaire без право на ко-одлучување не смее да се сведе на дневнополитичка реторика или на уште една рунда партиски препукувања. Станува збор за прашање што директно го засега демократскиот легитимитет, суверенитетот и долгорочната позиција на државата во европската архитектура.
Токму затоа е потребна сериозна, аргументирана и инклузивна дебата во која ќе бидат вклучени сите релевантни општествени чинители. Во таков контекст, одговорноста на опозицијата е особено важна: наместо сеирџиско одржување прес-конференции со банални теми, потребна е конструктивна улога со јасни ставови, конкретни предлози и инсистирање на институционални гаранции. Прашањето за можен статус без право на глас е историска одлука и бара зрелост, а не дневен политички маркетинг.
Концептот на диференцирана интеграција не е непознат во историјата на европското обединување. Од „Европа на повеќе брзини“ до засилената соработка во рамките на еврозоната и Шенген, флексибилноста често била инструмент за надминување на институционални ќор-сокаци. Но суштинската разлика е што досегашните модели се однесуваа на функционална диференцијација меѓу веќе рамноправни членки, а не на создавање статус на членство без право на учество во одлучувањето. Тука се поставува клучното прашање: може ли Унијата да остане заедница на еднакви ако формализира асиметричен статус меѓу своите членови?
Аргументот дека формалното членство, дури и без право на глас, би ги неутрализирало механизмите на блокада има институционална логика. Штом државата стане дел од правниот и политичкиот корпус на Унијата, инструментот на вето во пристапните поглавја престанува да постои. Со тоа би се затворил циклусот на билатерализација што го компромитираше мерит-базираниот пристап. Но прашањето е по која цена.
Суштината на дилемата се концентрира во прифаќањето на acquis communautaire без полно учество во процесот на одлучување. Тоа значи целосно преземање на обврските што произлегуваат од европското право, без можност за ко-креирање на политиките што директно ќе ја обврзуваат државата. Во правната и политичката теорија, ваквиот однос се дефинира како обврзување без соодветна репрезентација — состојба што историски се сметала за демократски проблематична.
Acquis communautaire не е збир на технички регулативи, туку комплексен правен поредок што ги опфаќа основните слободи на внатрешниот пазар, правилата за конкуренција, трговската политика, аграрните политики, заштитата на животната средина, правдата и внатрешните работи, како и заедничката надворешна и безбедносна политика. Со неговото прифаќање, државата фактички го споделува својот суверенитет со европските институции. Во класичниот модел на членство, тоа споделување се темели врз принципот на ко-одлучување: обврската произлегува од заеднички формирана волја.
Во сценарио на „членство без право на глас“, тој баланс се нарушува. Државата би ги имплементирала директивите и регулативите, би ги почитувала одлуките на Советот и Европската комисија и би била под јурисдикција на Судот на правдата, но без право да учествува во финалното носење на тие одлуки. Тоа создава асиметрична интеграција, нормативна припадност без институционална рамноправност.
Историски, принципот дека нема легитимно владеење без репрезентација е темел на модерната уставна демократија. Европската Унија, иако специфичен политички ентитет, го црпи својот легитимитет токму од учеството на државите членки во Советот и од директно избраниот Европски парламент. Ако една држава ги прифаќа сите обврски, а нема глас во тие институции, тогаш легитимитетот на обврзувањето станува теоретски и политички ранлив.
Од национална перспектива, дилемата не е само симболична. Прифаќањето на acquis подразбира длабоки економски, административни и политички трансформации. Ако државата нема учество во нивното обликување, нејзиниот статус би бил поблиску до асоцијирана отколку до рамноправна членка, и покрај формалната интеграција.
Може да се тврди дека ваквиот модел би бил времен и транзициски, со јасно дефинирана патека кон полноправно членство. Доколку постојат правно обврзувачки гаранции дека правото на глас автоматски ќе следи по исполнување на одредени критериуми, демократскиот дефицит би бил временски ограничен. Но без такви гаранции, постои ризик од институционализирање на второстепен статус во рамките на Унијата.
Оттука, клучното прашање не е само дали постепената интеграција може да ја деблокира актуелната опструкција, туку дали цената што се плаќа е прифатлива од аспект на демократскиот легитимитет. Европската интеграција се темели на идејата за споделен суверенитет и рамноправност. Ако рамноправноста се суспендира токму во сржта на членството (правото на глас ) тогаш дилемата престанува да биде техничка и станува концептуална.
Прифаќањето на acquis communautaire без право на ко-одлучување не е прашање на процедурна иновација, туку на политичка филозофија. Тоа е избор меѓу брзината на формалното вклучување и квалитетот на статусот во европската архитектура. И токму во таа напнатост меѓу прагматизмот и принципот лежи суштинската одлука што мора да се донесе со трезвеност, стратешка визија и широка општествена согласност.

![]()

