Тивка пресуда со гласна порака: судиите пресекоа, а Кадриу алармира „дискриминација“ – НО ОДЛУКАТА ОСТАНУВА

Уставниот суд пресече: нема линеарно зголемување на пензиите за македонските пензионери во странство. Судот одлучи да не поведе постапка за оспорените измени во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што ја остави во сила одредбата дека линеарното покачување се применува само за корисниците кои живеат во државата.

Претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, на прес-конференција појасни дека, иако пензионерите се во иста правна состојба, тие не се во иста фактичка состојба, што според Судот е клучно за оценка дали е повреден принципот на еднаквост (член 9 од Уставот).

„Правната состојба им е идентична, но фактичката не е“, рече Костадиновски, потенцирајќи дека Судот има обемна судска пракса за тоа кога се повредува начелото на еднаквост – односно дека повреда постои само ако субјектите се во иста правна и фактичка положба, а сепак се третираат различно.

Како втор аргумент, Костадиновски нагласи дека мерката има социјален карактер и јасна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата во конкретен временски период.

„Ова е социјална мерка… По истекот на условите утврдени со оваа мерка, се враќа во сила законското усогласување на пензиите и во тој поглед стекнатите права важат и за тие што не живеат на територијата на Република Северна Македонија“, додаде тој.

Издвоено мислење: „Одлуката е дискриминаторска“

Спротивен став изнесе судијата известител, проф. д-р Осман Кадриу, кој смета дека ваквата одлука е дискриминаторска. Тој посочи дека предложил да се поведе постапка за оспорените одредби, но не добил мнозинство гласови.

Според Кадриу, државата не смее да прави разлика меѓу сопствените граѓани според местото на живеење кога станува збор за правото на пензија и нејзино зголемување, оценувајќи дека одредбите се спротивни на уставните принципи за еднаквост, забрана на дискриминација и социјална правда, како и на Европската конвенција за човекови права.

„Законодавецот со овој закон врши дискриминација врз сопствените граѓани… тие треба да го остварат правото на пензија, вклучувајќи ги и сите зголемувања“, смета Кадриу.

Тој додаде дека на пензионерите кои живеат надвор од државата им се нанесува штета и дека затоа останал на ставот дека постојат услови за поведување постапка, но дека „одлуката на Судот е само онаа која ја поддржува мнозинството“.

Loading