Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, предводено од министерот, демонстрира максимална подготвеност, одговорност и државничка грижа за своите граѓани со формирање кризен штаб кој 24 часа дневно ја следи состојбата на Блискиот Исток и обезбедува директна поддршка за македонските државјани во регионот.
Од Министерството информираат дека штабот континуирано ги следи случувањата по нападите што САД и Израел ги извршија врз Иран, како и возвратните одмазднички удари кон американски цели во земји од регионот. Во вакви услови на зголемена безбедносна неизвесност, ваквата брза и стратешки прецизна реакција се оценува како највисок стандард на институционална заштита и грижа.

Од МНР повторуваат апел до сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените подрачја внимателно да ги следат официјалните известувања од надлежните институции и строго да постапуваат согласно безбедносните протоколи.
„Воедно, се препорачува одложување на сите ненеопходни патувања кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Дополнително, Министерството нагласува дека преку сите свои капацитети и дипломатско-конзуларни претставништва останува целосно на располагање и навремено ќе ја информира јавноста за сите релевантни информации и понатамошни насоки.
Граѓаните кои имаат потреба од помош или дополнителни информации можат да се обратат на следните контакти:
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: globalsos@mfa.gov.mk
Претходно, од ресорното Министерство соопштија дека до дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, 11 македонски државјани официјално побарале евакуација од Израел.
![]()

