Здружението на судии бара итно одмрзнување на судиските плати, зголемување на платите на судската администрација и нови вработувања во судовите. Доколку, како што велат, продолжи „уривањето на судскиот систем“, најавуваат друга форма на покажување незадоволство и видлив протест.
Од Здружението соопштија дека веќе поднеле дополнување на иницијативата до Уставниот суд за оценување на законитоста на измените на Законот за плати на судиите, донесени на 25 февруари 2026 година. Според нив, спорните измени биле донесени со „брза и популистичка постапка“, со што директно се прекршува Уставот (член 32) и се нарушува достоинството на судиската функција.
„Пратениците мора да престанат со менување закони само за да купат социјален и политички мир. Наместо штетни закони кои генерираат правна несигурност, потребни се решенија за независно судство како предуслов за европски напредок“, порачуваат од Здружението.

Тие посочуваат дека по зголемувањето на функционерските плати од 78 отсто, платите на судиите во прв степен изнесуваат околу 86.000 денари, но нагласуваат дека без тоа покачување би биле на ниво на просечната плата – околу 50.000 денари – што, според нив, е далеку под стандардите во регионот и во ЕУ.
Со иницијативата се бара поништување на, како што велат, неуставно донесените и незаконски измени, со кои платите на судиите остануваат замрзнати веќе трета година по ред. Од Здружението додаваат дека ниските плати, одливот на кадар од судската администрација и неисплаќањето додатоци имаат директни последици врз странките во постапките, односно врз граѓаните.
Инаку, минатата недела пратениците ја утврдија потребата од пакет законски измени со кои се нивелираат платите на избраните и именуваните лица. Со измените на шест закони – меѓу кои и за пратениците, избраните и именуваните лица, судиите, јавните обвинители и членовите на судскиот и обвинителскиот совет – се предвидува намалување на нивните плати од 10 до 13 илјади денари.
![]()

