Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница утврди дека нема судир на интереси кај директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, во врска со фирмата „Сити аутсорсинг“, за која опозициската СДСМ претходно тврдеше дека е поврзана со неговото семејство и дека добивала државни тендери.
Постапката што ја водеше Антикорупциската комисија е запрена откако анализите покажале дека во моментот не постои сопственичка или управувачка поврзаност меѓу директорот Томовски, ниту членови на неговото потесно семејство, со наведената компанија.

Членката на ДКСК, Софија Спасовска-Медарска, изјави дека во минатото постоела одредена поврзаност на членови на семејството на актуелниот директор со тоа трговско друштво, но дека во моментот таква врска не постои.
„Нема ниту сопственичка, ниту управувачка поврзаност на службеното лице или на член на неговото семејство. Од електронскиот систем на јавни набавки се гледа дека не се наведени податоци за договори склучени меѓу наведеното трговско друштво и институцијата со која раководи службеното лице“, изјави Спасовска-Медарска.

Претходно, опозициската СДСМ обвини дека фирма поврзана со блиско лице на директорот добила 161 тендер од државни институции. Томовски ги отфрли обвинувањата, нагласувајќи дека никој од неговото потесно семејство нема сопствеништво во компанијата што ја посочува опозицијата. Тој ги повика ДКСК и Јавното обвинителство да покренат постапка и што побрзо да го расчистат случајот, со цел, како што рече, да ја докаже својата невиност.
На истата седница, членовите на ДКСК едногласно одлучија да поведат постапки против 234 советници избрани во општините во земјава, кои не ја исполниле законската обврска за поднесување изјава за имотна состојба и интереси во предвидениот рок.
Претседателот на Комисијата, Адем Чучуљ, појасни дека анализата на електронската евиденција покажала дека околу една петтина од општинските советници не ја доставиле задолжителната изјава, што претставува прекршување на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
![]()

