Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција изјави дека на протестот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) се потврдило, како што рече, дека ССМ и СДС делуваат заеднички.
Според Петрушевски, на протестот биле забележани лица со обележја и промотивни материјали на СДС, што, како што посочи, укажува дека протестот не бил организиран исклучиво од синдикатите.

„Граѓаните беа сведоци дека на таканаречениот синдикален протест имаше лица со обележја на СДС. Обележјата и промотивниот материјал може да се видат и на фотографиите. Ова е доказ дека синдикалците не се организирале сами, туку дека им помагале локалните штабови на СДС“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека во организацијата, според него, биле вклучени и членови на СДС од повеќе градови, меѓу кои Куманово, Тетово и Струмица.
Петрушевски оцени дека настанот бил доказ дека постои „равенство меѓу ССМ и СДС“, додавајќи дека, според него, работниците и нивните права се злоупотребуваат за политичка видливост.
„Да нема забуни, ВМРО-ДПМНЕ постојано стои зад работниците и нивните права. Ја почитуваме можноста работниците да протестираат и да бараат повисоки плати. Но, ова што се случува не е протест за работнички права, туку политичка игра“, рече пратеникот.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, прави сѐ за подобрување на животниот стандард на граѓаните.
![]()

