Поранешниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV говореше за предизвиците со кои се соочувале обвинителите при истрагата за трагичниот настан во Кочани, посочувајќи дека процесот открил сериозни институционални пропусти.
Тој нагласи дека уште од самиот почеток било јасно дека локалното обвинителство нема доволно капацитет да се справи со обемот на случајот. Според него, Основното јавно обвинителство во Кочани функционира со ограничени ресурси и мал број обвинители, што значително ја усложнило работата на терен.

Дополнително, дел од присутните обвинители не можеле целосно да се вклучат во истрагата поради лични причини, вклучително и фактот што еден од нив имал повредени членови на семејството во пожарот. Поради тоа, било неопходно формирање на поширок тим со обвинители од други градови.
Коцевски потенцираше дека ваквите случаи бараат максимална прецизност и внимателност, бидејќи секоја грешка може да има сериозни последици. Тој истакна дека со прибирањето на доказите постепено излегувале на виделина бројни слабости во системот, кои, како што рече, се наталожувале со години.
„Како што напредуваше истрагата, стануваше очигледно дека станува збор за длабока ерозија на системот. Секој нов доказ отвораше нови прашања и укажуваше на пропусти кои не смеат да се игнорираат“, посочи тој.
Според него, ваквата трагедија треба да биде сериозна опомена, иако изрази сомнеж дека ќе се извлечат соодветни поуки.
Тој додаде дека истрагата открила и други, помали кривични дела кај дел од осомничените, што дополнително укажува на слабата контрола и нефункционалноста на системот.

Осврнувајќи се на текот на постапката, Коцевски објасни дека обвинителите биле под силен временски притисок поради законските рокови. Истрагата морала да биде завршена во рок пократок од три месеци, што барало интензивна работа без прекин.
Во таа насока, бројот на обвинители бил зголемуван, а тимот работел и за време на викенди и празници за да се испочитуваат законските обврски.
И покрај сериозните ограничувања, вклучително и недостаток на основни ресурси како службени возила и административна поддршка, истрагата била успешно завршена и поднесено било обвинение.
„Работевме во исклучително тешки услови – немавме доволно возила, па користевме полициски, немавме доволно дактилографи и баравме помош од други градови. Сепак, успеавме да ја завршиме работата професионално“, истакна Коцевски.
![]()

