ТИРАНА УДРИ СИЛНО: ИРАН ПРОГЛАСЕН ЗА ЗАКАНА!

Албанскиот парламент усвои резолуција со која Иран официјално се прогласува за „спонзор на тероризмот“, со 79 гласа „за“ од владејачкото мнозинство и еден воздржан. Со оваа одлука, земјата дополнително се позиционира покрај своите стратешки сојузници во однос на безбедносната и надворешната политика.

Премиерот Еди Рама претходно најави дека по усвојувањето на резолуцијата, Владата ќе преземе конкретни чекори за прогласување на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) и Хезболах за терористички организации.

На седницата, нацрт-резолуцијата ја презентираше координаторот на парламентарната група на Социјалистичката партија, Таулант Бала. Тој посочи дека Албанија во изминатиот период била цел на сериозни кибер напади, насочени кон државните институции и јавните услуги, што ја оправдува потребата од ваква одлука.

„Станува збор за непријателски дејствија кои имаат за цел да го нарушат функционирањето на државата и довербата на граѓаните. Со оваа резолуција испраќаме јасна порака дека нема да толерираме државна поддршка на тероризмот“, изјави Бала, изразувајќи жалење што опозицијата не учествувала во гласањето.

Од опозициските редови, единствено присутен беше пратеникот Ералд Капри од партијата „Можност“, кој остро ја критикуваше владата. Според него, ваквите потези се политички мотивирани и служат за зајакнување на позицијата на премиерот Рама, додека во земјата постојат сериозни проблеми поврзани со владеењето на правото и економијата.

Инаку, пратениците од Демократската партија, Републиканската партија и Партијата на слободата ја бојкотираа седницата, тврдејќи дека таа е свикана поради лични политички интереси на премиерот.

Оваа одлука доаѓа во контекст на веќе затегнатите односи меѓу Албанија и Иран. Во септември 2022 година, Тирана ги прекина дипломатските врски со Техеран и протера ирански дипломати, обвинувајќи ги за масовен кибер напад врз државните институции.

Loading