Уставниот суд ги демантира изјавите на Пендаровски за Законот за јазиците
Скопје, 18 март 2026 – Уставниот суд на Република Северна Македонија остро реагираше на изјавите на поранешниот претседател Стево Пендаровски во врска со постапката за оценување на Законот за употреба на јазиците, оценувајќи ги како неточни и неосновани.
Од Судот посочуваат дека во емисијата „Дебатен агол“ на телевизијата Tevë1, емитувана на 13 март 2026 година, Пендаровски изнел информации кои не одговараат на фактичката состојба. Конкретно, било наведено дека иницијативата за оценување на Законот ја поднел „непознат граѓанин“, зад кого наводно стоела политичка структура.

Уставниот суд категорично ги демантира овие тврдења, појаснувајќи дека станува збор за вкупно 13 иницијативи поднесени од 45 подносители, меѓу кои има политички партии, професори, адвокати, здруженија и граѓани. Овие информации, како што наведуваат, веќе подолго време се јавно достапни.
Од Судот нагласуваат дека, имајќи ја предвид чувствителноста на предметот и високото ниво на јавен интерес, особено е важно јавните личности да се воздржат од ширење непроверени или неточни информации.
„Прејудицирањето на одлуката на Судот и изнесувањето претпоставки за можните последици е несоодветен пристап кој може да влијае врз угледот на институцијата и правниот поредок“, се наведува во реакцијата.
Уставниот суд информира дека постапката сè уште е во тек и дека не е донесена конечна одлука по однос на Законот за употреба на јазиците.
![]()

