САВЕСКИ НОВ ОБВИНИТЕЛ – РЕФОРМИ ИЛИ КОНТРОЛА?

Собранието со мнозинство гласови го избра Ненад Савески за нов државен јавен обвинител, по жестока и поларизирана дебата меѓу власта и опозицијата, во која беа изнесени спротивставени ставови за состојбите во правосудството и улогата на обвинителството.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, образложувајќи го предлогот, истакна дека Савески е докажан професионалец со долгогодишно искуство и без „црни дамки“, кој треба да ја врати довербата во институцијата.

„Не случајно нема дебата без критики за обвинителско-правосудниот систем. Рејтингот на овие институции е околу 2 проценти и тоа ќе биде сериозна задача за новиот јавен обвинител“, изјави Николоски, додавајќи дека јавноста очекува конкретни резултати и поголема ефикасност.

Според власта, изборот на Савески е чекор кон враќање на професионалноста и подобрување на состојбите во Јавното обвинителство, кое со години се соочува со ниска доверба кај граѓаните.

Од друга страна, опозициската СДСМ жестоко се спротивстави на изборот, оценувајќи дека станува збор за обид за политичка контрола врз обвинителството. Пратеничката Јованка Тренчевска истакна дека проблемот не е во личноста на кандидатот, туку во системот во кој тој ќе работи.

Таа предупреди дека новиот закон за Јавно обвинителство остава простор за влијание на Владата, особено преку буџетот и надлежностите, што, според неа, може да доведе до селективна правда.

„Прашањето не е кого ќе избереме, туку дали ќе зачуваме држава каде обвинителството му служи на законот, а не на власта“, нагласи Тренчевска.

Критики за процесот стигнаа и од Либерално-демократската партија. Пратеничката Моника Зајкова оцени дека изборот на нов обвинител не е само кадровско прашање, туку тест за тоа дали државата ќе обезбеди вистинска правда.

„Повторно се создаде впечаток дека политиката има последен збор таму каде што треба да владее правото“, изјави Зајкова, додавајќи дека оттурнувањето на професионалци како обвинителката Ленче Ристоска ја намалува довербата кај граѓаните.

Таа нагласи дека суштинскиот проблем лежи во системот на избор кој остава простор за политичко влијание и упати директна порака до новоизбраниот обвинител.

„Не е доволно да сте добар правник, потребна е храброст – да се оттурне политиката од обвинителството и да се покаже дека законот важи за сите“, порача Зајкова.

Во текот на расправата, пратеници од различни политички блокови отворија и прашања за селективноста во правосудството, како и за наследството на претходните институции, што дополнително ја нагласи длабоката политичка поделба околу оваа тема.

Со изборот на Савески, Јавното обвинителство добива нов раководител во период на сериозни предизвици, а очекувањата на јавноста се насочени кон конкретни резултати во борбата против криминалот и корупцијата, како и кон враќање на довербата во правосудниот систем.

Loading