Европската народна партија (ЕПП) во изминатите 50 години е водечка политичка сила во Европа, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по повод одбележувањето на јубилејот на партијата во Брисел.
Пленковиќ, кој учествуваше на самитот на Европската унија, присуствуваше и на прославата на 50-годишнината на ЕПП, нагласувајќи дека партијата континуирано стои покрај граѓаните и се справува со современите предизвици.
„Во изминатите 50 години, ЕПП е водечка политичка сила во Европа, која отсекогаш силно стоела покрај граѓаните. Соочени со бројни предизвици, ја градиме иднината на ЕУ врз фундаменталните принципи – солидарност, просперитет, безбедност и почитувана Европа на глобално ниво“, напиша Пленковиќ на социјалната мрежа „X“.

Тој истакна дека Хрватската демократска заедница (ХДЗ), како членка на ЕПП, има значајна улога во креирањето на европските политики и дека ќе продолжи да ги штити интересите на хрватските граѓани.
За време на престојот во Брисел, Пленковиќ се сретна и со македонскиот премиер Христијан Мицкоски. На средбата биле разгледани актуелните геополитички предизвици, енергетската безбедност во регионот, како и мерките за справување со растот на цените на енергијата.
Пленковиќ порача дека Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во нејзините евроинтеграции.
„Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ и веруваме дека заслужува јасна перспектива“, објави тој.
![]()

