ТИВКО ФИЈАСКО: „Големиот“ протест се претвори во партиски собир!?

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека манипулациите со работниците повеќе не поминуваат и дека граѓаните сѐ помалку имаат доверба во ССМ и СДС.

Според партијата, тоа најдобро се видело на протестот одржан изминатиот викенд, кој, како што велат, наместо масовна поддршка од работниците, бил исполнет со партиски функционери на СДС.

„Наместо вистински работници, на протестот имаше партиски челници на СДС, облечени во маици со партиски обележја, кои беа во првите редови“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму тврдат дека организацијата и логистиката на протестот била во рацете на лица поврзани со општинските организации на СДС, а како доказ за неуспехот го посочуваат слабиот одзив и празните автобуси кои, според нив, патувале кон Скопје.

„Ова е јасен показател дека и СДС и ССМ се прочитани од граѓаните и дека дури ни нивното членство не им верува. Работниците не го поддржуваат овој политички театар“, се наведува во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека раководството на ССМ, предводено од Слободан Трендафилов, делува во интерес на СДС, наместо во заштита на работничките права.

„Неколку лица во врвот на ССМ работат директно во корист на СДС и нивните политики, со крајна цел да ѝ наштетат на Владата, која посветено работи на подобрување на условите и зголемување на платите“, велат од партијата.

Тие потенцираат дека граѓаните и работниците сѐ повеќе се прашуваат дали синдикатот функционира како независна организација или како продолжена рака на политичка партија.

„Она што работниците добро го знаат е дека СДС и ССМ не работат во нивен интерес. Вистински партнер на работниците останува ВМРО-ДПМНЕ, која со конкретни политики го подобрува животниот стандард и ја зацврстува економијата“, се додава во соопштението.

Loading