Опозициската ВМРО-ДПМНЕ упати серија прашања до СДСМ, барајќи поголема транспарентност околу улогата на партискиот ПР, Зоран Башановиќ, во, како што велат, значајни политички и економски случувања во државата.
Од партијата посочуваат дека јавноста има право да знае дали Башановиќ имал посредничка улога во чувствителни политички процеси, вклучително и комуникацијата меѓу поранешниот премиер Зоран Заев и тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас, поврзана со промената на уставното име.
Воедно, ВМРО-ДПМНЕ отвора дилеми и за евентуална инволвираност на Башановиќ во бизнис-зделки, особено во енергетскиот сектор. Според нив, потребно е да се утврди дали постојат врски со компании кои добивале значајни државни договори.

Дополнително, се поставува прашањето околу доделувањето на договори во енергетиката, при што се споменува и компанијата „Зобек мининг гроуп“, како и нејзината поврзаност со рудникот „Лигниторихиа Ахлада“.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека блискоста на Башановиќ со Заев отвора сомнежи за континуитет на влијанија во рамките на СДСМ, а дополнително бараат одговор дали неговото повторно ангажирање е поврзано со претходни финансиски обврски.
Во соопштението се поставува и прашањето за лидерската позиција во СДСМ, односно дали Венко Филипче самостојно ја води партијата или, како што тврдат, постои влијание од претходните структури.
„Јавноста очекува јасни и транспарентни одговори. Игнорирањето на овие прашања не придонесува за доверба“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
![]()

