КВАНТНА Најческа – Присутна за КРИТИКА, отсутна за ОДГОВОРНОСТ

Во земјава имаме нов феномен – квантна јавна личност. Истовремено присутна и отсутна. Видлива и невидлива. На екран – секоја недела. Во судски спис – „непозната локација“.

Станува збор, се разбира, за Мирјана Најческа – жена која со импресивна самодоверба знае да влезе во телевизиско студио, да подели дијагнози, пресуди и морални лекции како да е и судија и порота во едно. Сè тоа во живо, пред камери, без трепкање.

Но, ете ти чудо.

Кога треба истата таа храброст да се пресели од студиото во институциите – настанува мистерија достојна за научна фантастика. Лицето кое пред милионски аудиториум е секогаш „тука“, за системот одеднаш станува „непронајдено“.

Како да зборуваме за некој што се појавува само под студиско осветлување, а исчезнува на дневна светлина.

Се поставува логично прашање: дали правдата треба да почне да емитува дебатни емисии за да ја „улови“? Можеби покана со наслов „Отворено студио: соочување со реалноста“ би имала поголем успех од службена достава.

Иронијата е уште поголема кога оние што најгласно повикуваат на одговорност, транспарентност и отчетност – први стануваат неуловливи кога тие исти принципи треба да се применат на нив.

Но, можеби грешиме.

Можеби не станува збор за избегнување, туку за нова форма на јавен настап – „перформанс на отсутност“. Уметнички израз каде што се критикува системот така што се оттурнува од него.

Само што, за разлика од телевизиските дебати, правдата нема пауза за реклами. И не функционира на принцип „ќе дојдам кога ми одговара“.

А додека институциите „ја бараат“, публиката веќе ја гледа – удобно сместена во фотелја, со сигурен тон и подготвена да пресуди за сите други.

Освен, се разбира, за себе.

Loading