Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека прашањето за измена на Уставот претставува исклучително чувствителна тема за македонското општество и затоа мора да се третира со посебна внимателност и инклузивност.
Во своето обраќање на тркалезна маса организирана во Уставниот суд, тој истакна дека секоја иницијатива за уставни измени треба да биде проследена со создавање на пошироки, таканаречени холистички услови, со цел да се избегнат тензии и вознемиреност кај граѓаните.

Мицкоски посочи дека во земјата, секое отворање на темата за Уставот често асоцира на претходни политички процеси, што дополнително ја прави ситуацијата деликатна. Сепак, според него, актуелните предлози се од поинаков карактер.
Тој нагласи дека постои согласност за донесување посебен закон за Уставниот суд, како и за воведување на институтот уставна тужба, но подвлече дека овие чекори треба да бидат дел од поширок и внимателно подготвен процес.
„Потребно е да се создадат соодветни општествени услови пред да се пристапи кон уставни измени, за да не се наруши стабилноста и довербата кај јавноста“, порача премиерот.
![]()

